Македонија

Гоцевски открива што се подготвувало пред независноста: Форумот работел на 14 клучни прашања за идната македонска држава

Гоцевски открива што се подготвувало пред независноста: Форумот работел на 14 клучни прашања за идната македонска држава
Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски

Како Македонија да се подготви за распадот на Југославија?

Одговорот, според сведоштвото на првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, се барал уште во 1990 и 1991 година преку неформални средби на група македонски интелектуалци, професори, политичари, генерали, дипломати и други јавни личности.

Гоцевски за 4ТВ открива детали за она што подоцна било познато како „Форум за Македонија“.

Според неговите белешки, на средбите учествувале повеќе истакнати личности, меѓу кои Киро Глигоров, Блаже Ристевски, Стојан Андов, Јордан Поп-Јорданов, Ксенте Богоев, Георги Ефремов, Никола Кљусев, Цветан Грозданов, Денко Малески, Владо Поповски, Крсте Црвенковски, генерал Тошо Танасовски и други.

Гоцевски сведочи дека на состаноците се разговарало за најсуштинските прашања со кои би се соочила Македонија во случај на распад на Југославија.

На маса биле:

  • моделите за разрешување на југословенската криза;
  • идното уредување на односите меѓу суверените држави;
  • поделбата на југословенското наследство;
  • финансискиот и монетарниот систем;
  • меѓународната и соседската политика;
  • односите со македонската дијаспора;
  • лобирањето за меѓународно признавање;
  • безбедноста и одбраната;
  • дипломатијата;
  • формирањето на македонската армија;
  • северната граница;
  • статусот на Македонската православна црква.

Гоцевски особено нагласува дека не се воделе официјални записници, бидејќи во тој период сè уште функционирале југословенските структури и безбедносниот апарат.

„Сè уште беше тука и сојузната државна администрација, преку Државната безбедност, преку армијата…“, сведочи Гоцевски.

Според него, токму затоа било важно разговорите да се водат внимателно и во тесен круг.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни