„Што ќе правиме ако Југославија се распадне?“
Ова, според сведоштвото на првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, било суштинското прашање околу кое се собирале македонски интелектуалци, професори, политичари, дипломати и воени лица во периодот 1990–1991 година.
Гоцевски во интервју за 4ТВ открива дека првите разговори биле организирани во услови кога Македонија сè уште била дел од СФРЈ, а југословенските безбедносни и воени структури биле присутни во земјата.
Затоа, според него, не станувало збор за класичен официјален државен орган, туку за неформални состаноци.
Тој сведочи дека на тие средби се разговарало практично за целата архитектура на идната независна држава – од економијата и валутата, преку дипломатијата и меѓународното признавање, до безбедноста, одбраната и формирањето на армијата.
Особено значајно било прашањето за северната граница, која тогаш била само административна граница во рамките на Југославија.
Гоцевски вели дека токму ваквите разговори покажуваат дека дел од македонската политичка и интелектуална елита не го дочекала распадот на Југославија неподготвена, туку со веќе отворени сценарија за иднината.