Македонија

Тензично на Советот на Кисела Вода: Бараа обезбедување по расправијата меѓу советник и градоначалничката

Тензично на Советот на Кисела Вода: Бараа обезбедување по расправијата меѓу советник и градоначалничката

Седницата на Советот на Општина Кисела Вода помина во тензична атмосфера, откако вербалниот конфликт меѓу советникот од Левица Петар Здравевски, претседателката на Советот Светлана Колариќ и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска ескалираше со меѓусебни обвинувања за закани и насилство.

Размената на остри реплики започна уште на почетокот на расправата, а ситуацијата дополнително се вжешти кога градоначалничката го обвини Здравевски дека се заканува. Советникот ги отфрли обвинувањата и побара јавноста да не биде манипулирана.

Во текот на расправијата се слушаа повишени тонови, а Стаменкоска Трајкоска му забележа на советникот и за неговото однесување и говорот на телото. Здравевски, пак, ѝ порача да се смири.

Причина за дополнителна расправија беше и споменувањето на семејството на советникот. Здравевски побара да не му се споменува татко му, по што следуваше вербална пресметка со Колариќ околу тоа кој го споменал.

Во еден момент Здравевски стана од своето место и се упати кон делот од салата каде што седеше претседателката на Советот. Колариќ тогаш побара обезбедување и негово отстранување од седницата, тврдејќи дека ѝ се заканува.

„Јас барам обезбедување, ми се заканува. Барам обезбедување и Петар да излезе надвор“, рече Колариќ.

Здравевски по кратко време се врати на своето место, но тензиите продолжија. Во еден момент Колариќ му упати навреда, откако било посочено дека расправијата се снима.

По инцидентот, претседателката побара на идните седници да биде ангажирано обезбедување, оценувајќи дека Советот не може нормално да функционира во атмосфера на закани и насилство.

„Навистина не може да функционира Советот со насилници“, рече Колариќ.

„Каков насилник, дај не ме обвинувај, ало“, возврати Здравевски.

И покрај жестокиот вербален конфликт, седницата продолжи, а советниците продолжија со работата и гласањето по точките од дневниот ред.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни