Единаесетгодишниот пијанист Андреј Цековски оствари голем меѓународен успех со освојувањето на првото место на престижниот натпревар International Youth Music Competitions.
На гала-вечерта на победниците, одржана во познатиот The DiMenna Center for Classical Music во Њујорк, на младиот македонски уметник му беа свечено врачени златниот медал и победничкиот пехар.
За време на својот настап пред меѓународната публика, Андреј ја потврди високата уметничка вредност гордо веејќи го македонското знаме. Жирито изрази посебно восхитување од неговата техничка прецизност, исклучителна музикалност и зрелост кои се вистинска реткост за негова возраст. Тој дели сцена со најдобрите млади таленти од Австралија, Канада, Кина, САД, Украина, Полска и ред други земји.
Првата награда ја освои во категоријата USA Classical Hobbyist уште во март 2026 година, под менторство на наставничката Марија Диманин Богоевска.
Кратка биографија за младиот талент:
- Музичко образование: Свири пијано од четири години, а денес е ученик во VI одделение во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје.
- Основно образование: Редовен ученик во VI одделение во ООУ „Блаже Конески“ – Скопје, каде што се истакнува како одличен ученик и освојувач на повеќе државни награди по различни предмети.
- Други активности: Активно тренира ракомет веќе две години.