Македонија

Јакимовски сè уште е во „Шутка“, ја чека писмената одлука на Врховниот суд за да излезе на слобода

Јакимовски сè уште е во „Шутка“, ја чека писмената одлука на Врховниот суд за да излезе на слобода

Иако Врховниот суд завчера ги укина првостепената и второстепената осудителна пресуда против Стевчо Јакимовски, тој и натаму се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. За негово пуштање на слобода неопходно е одлуката на Врховниот суд да биде доставена во писмена форма до сите засегнати страни по официјален пат.

Адвокатот на Јакимовски, Виктор Цветковски во изјава за Фокус посочи дека, освен објавата на интернет-страницата на Врховниот суд, сè уште не е примена писмената одлука. Додека сите страни во постапката, вклучително и Казнено-поправната установа Скопје, не ја добијат одлуката во писмена форма, Јакимовски ќе остане во затвор, чекајќи ја одлуката на Врховниот суд.

Вчера Врховниот суд соопшти дека ги укинал пресудите на Основниот кривичен суд Скопје (предмет КОК-157/21 од 23.04.2025) и на Апелациониот суд Скопје (предмет КОКЖ-110/25 од 15.05.2026), а предметот го вратил на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд. Според судот, Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седница од 09.09.2026 година донел пресуда КВП КОК2-18/26, со која е уважено барањето на осудениот Стевчо Јакимовски од Скопје за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот Виктор Цветковски, адвокат од Куманово.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни