Македонија

Пронајден и казнет мажот кој фрлаше ѓубре во Радика

Пронајден и казнет мажот кој фрлаше ѓубре во Радика

Лицето кое беше снимено како фрла отпад во реката Радика е пронајдено и санкционирано, информираат од Општина Дебар.

Откако на социјалните мрежи беше објавена снимка од загадувањето на реката, на терен излегле екипи од општинскиот инспекторат, во координација со други надлежни институции. По преземените активности, сторителот бил идентификуван и казнет.

Од Општина Дебар велат дека случајот ќе биде почеток на поодлучен пристап кон заштитата на животната средина.

„Ова не е само една санкција, туку претставува почеток на нов и поодлучен пристап. Секое лице кое ја загадува реката Радика, јавните површини или кој било друг дел од животната средина ќе се соочи со мерките и санкциите предвидени со закон“, соопштија од Општината.

Оттаму додаваат дека ќе продолжат со контролите и со конкретни активности насочени кон одржување на почиста животна средина во Дебар.

Случајот беше актуализиран откако спортското риболовно друштво „Трофта“ објави видео на социјалните мрежи, на кое се гледа маж со возило како застанува на мост над Радика и фрла вреќи со отпад и кутии во реката.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни