Македонија

Бројот на автомобили за 10 години пораснал за 60 отсто, дизелите убедливо доминираат

Бројот на автомобили за 10 години пораснал за 60 отсто, дизелите убедливо доминираат

Македонија во последните години бележи значителен пораст на бројот на автомобили, но и покрај сè поголемата застапеност на хибридните и електричните возила, дизелите и понатаму убедливо доминираат на патиштата.

Во 2025 година во земјата биле регистрирани над 615.000 патнички автомобили, што е раст од 43,4 отсто во однос на 2020 година, кога нивниот број изнесувал околу 429.000.

Најголем дел од возниот парк го сочинуваат дизел-автомобилите. Нивниот број во петгодишен период пораснал за околу 186.000, односно за 67 отсто, а нивниот удел достигнува 63,8 проценти.

За разлика од нив, бензинските автомобили се во пад. Нивниот број е намален за 24.352 возила, а уделот од 42 отсто во 2020 година се намалил на 25,7 проценти во 2025 година.

Иако електричните автомобили бележат огромен процентуален раст, нивниот удел во вкупниот возен парк сè уште е мал. Во 2025 година биле регистрирани 2.047 електрични автомобили, што претставува околу 0,33 отсто од сите автомобили.

Раст бележат и хибридните возила. Нивниот број од 1.287 во 2023 година се зголемил на 5.078 во 2024, а минатата година достигнал 7.393. Со тоа хибридите учествуваат со околу 1,2 отсто во вкупниот возен парк.

Истовремено, Македонија и понатаму има стар возен парк. Просечната старост на автомобилите во 2025 година изнесувала 19,3 години. Во последната деценија повеќе од 80 отсто од увезените автомобили биле половни, а во 2025 година на секој нов автомобил биле увезени околу 3,5 половни.

Растот на бројот на автомобили е особено забележлив во подолг временски период. Во 2015 година биле регистрирани околу 383.000 возила, додека десет години подоцна бројката достигнала 615.000, што претставува раст од околу 60 отсто.

Речиси една третина од регистрираните возила се во Скопје. Сепак, растот на моторизацијата постепено се забрзува и во другите делови од земјата. Бројот на патнички автомобили во Македонија во последните пет години пораснал за 43,4 отсто, додека во Скопје растот е 32,2 проценти.

Особено голем раст има кај мотоциклите, чиј број во истиот период се зголемил за 165,7 отсто на национално ниво, односно за 123,9 отсто во Скопје.

Податоците покажуваат и голема промена во однос на периодот од осамостојувањето до денес. Во 1991 година во Македонија имало околу 122 автомобили на 1.000 жители, додека во 2025 година бројката достигнала 338 автомобили на 1.000 жители.

Во исто време, се зголемила и патната инфраструктура. Должината на автопатите од околу 120 километри во 1991 година пораснала на речиси 347 километри во 2025 година.

Од времето на „југо“, „стојадин“ и „голф“, до денешните СУВ-модели, хибриди и електрични автомобили, возниот парк во земјата претрпе голема трансформација. Сепак, и покрај навлегувањето на новите технологии, старите дизел- и бензински возила сè уште го сочинуваат најголемиот дел од автомобилите на македонските патишта.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни