Македонија

Мицкоски за укинувањето на пресудата за „Ласкарци“ и Јакимовски: Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода

Мицкоски за укинувањето на пресудата за „Ласкарци“ и Јакимовски: Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода

Одлуките на Врховниот суд за укинување на пресудата за случајот „Ласкарци“, како и за предметот против Стевчо Јакимовски, предизвикаа остра реакција од премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека дел од судиите и обвинителите и натаму ги штитат луѓето поврзани со претходната власт на СДСМ и ДУИ.

Мицкоски рече дека ваквите одлуки ги гледа како „рецидиви и остатоци“ од поранешната власт и како обид за заштита на нејзините поранешни функционери.

„Тоа се рецидиви и остатоци, мал дел од претходната влада на СДСМ и ДУИ и тоа е последниот ресорт за заштита на таа влада и на луѓето кои беа дел од таа влада. Гледате како грчевито се борат, ги амнестираат. Таков беше случајот со модуларната болница, така и сега со Ласкарци“, изјави Мицкоски.

Говорејќи за „Ласкарци“, премиерот посочи дека во несреќата има голем број жртви и лица кои останале со траен инвалидитет. Според него, тоа треба да биде доволна причина правосудството да постапува во интерес на правдата.

„Имаме триесетина жртви, имаме многу луѓе кои имаат траен инвалидитет, но за жал тоа не е доволна причина за овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата. Сепак, тие остануваат да бидат верни слуги на тие кои во минатото ги поставиле“, рече премиерот.

Тој оцени дека ваквите постапки дополнително ја нарушуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем и ги ставаат во сенка судиите и обвинителите кои, како што рече, професионално ја извршуваат својата работа.

„За жал, овие малкумина судии ги контаминираат сите оние чесни судии и обвинители кои се во нашиот правосуден систем. Добро е и моите колеги од Европската унија да ги следат овие примери и да видат, кога зборуваме за правосудството, со кого ние имаме работа и со кого во суштина имаме предизвик да се бориме“, изјави Мицкоски.

Премиерот додава дека борбата против ваквите состојби понекогаш му изгледа како „донкихотовска битка“, бидејќи, според него, институциите преземаат дејствија, но потоа следуваат одлуки со кои обвинети или осудени лица се ослободуваат.

„Понекогаш имам чувство дека со ветерници се бориме, како сето тоа да е донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода луѓе за кои постои основано сомневање, односно правосилна судска пресуда, и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било“, рече премиерот.

Мицкоски порача дека Владата нема да отстапи од, како што ја опиша, борбата за правда.

„Тоа е едно големо разочарување, но тука не се откажуваме и нема да очајуваме. Ќе продолжиме да се бориме. Правдата мора на крај да победи и ќе победи“, изјави Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни