Повеќе локации низ земјава денеска се предмет на полициски претреси во рамки на координирана акција на Министерството за внатрешни работи, насочена кон сомнежи за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за категориите „Ц“ и „Д“.
Од МВР информираат дека се вршат претреси на околу 20 локации, при што целта е да се расчистат сомнежите и да се обезбедат материјални докази поврзани со случајот.
Станува збор за возачки дозволи со категории за управување со товарни моторни возила и автобуси. Случајот привлече внимание откако се појавија сомнежи дека на одредени лица им биле впишувани повисоки категории без претходно да посетуваат соодветна обука и без да полагаат испит.
Според досега објавените информации, се проверува начинот на кој биле издавани и менувани возачките дозволи, како и евентуалната вмешаност на службени лица во незаконското внесување на дополнителни категории во документите.
Сомнежите се однесуваат и на можноста возачките дозволи да биле менувани преку злоупотреба на постапката за пријавување изгубена возачка дозвола и издавање нов документ.
Во рамки на истрагата се проверува и дали станува збор за поголем број незаконски издадени или изменети возачки дозволи, а надлежните институции треба да ги утврдат сите околности и евентуалната одговорност на инволвираните лица.
Акцијата е дел од постапките за расчистување на случајот, при што МВР преку претресите се очекува да обезбеди докази кои би можеле да помогнат во понатамошната истрага.