Бранот реакции во јавноста следува по серијата контроверзни судски одлуки — одлуките на Врховниот суд за предметите „Ласкарци“ и за Стевчо Јакимовски, како и пресудата на Кривичниот суд за обвинетите во случајот „Пулс“.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески ги отфрли обвинувањата за каков било влијание врз судството, нагласувајќи дека пресудите се носат исклучиво во име на граѓаните, врз основа на законските одредби и приложените докази.
„Погрешен е впечатокот дека судовите носат одлуки под притисок, под влијание или во служба на Јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните, врз основа на примена на законот и доказите содржани во предметите. Врховниот суд во овој случај не ги ценеше обвиненијата, туку одлуките на пониските судови“, изјави Савески.