Свет

Нови случаи на легионерска болест во Њујорк

Нови случаи на легионерска болест во Њујорк

Во Њујорк се пријавени нови случаи на болеста на легионерите, само неколку недели откако заврши претходната епидемија на Менхетен. Досега се потврдени пет случаи на инфекција и еден смртен случај во Јужен Бронкс, пренесува ABC News. Одделот за здравство на Њујорк вчера соопшти дека се очекуваат резултати од испитувањата за уште неколку можни случаи.

Инфекциите се потврдени во Мелроуз и Морисанија, населби во Јужен Бронкс, северно од Менхетен. За време на епидемијата што го погоди Менхетен претходно летово, беа пријавени повеќе од 90 случаи на инфекција и 11 смртни случаи. Истрагата тогаш покажа дека изворот на инфекцијата биле бактерии во кулите за ладење на одредени згради.

Одделот за здравство ја истражува новата епидемија и врши испитување на примероци од кулите за ладење во областа. Лекарите се советувани да обрнат посебно внимание на симптомите кај пациентите и да спроведат тестирање доколку се сомневаат на болеста на легионерите.

„Разбирам дека жителите на Њујорк се загрижени по неодамнешната епидемија во областа Апер Ист Сајд“, изјави Алистер Ф. Мартин, комесар за здравство на градот Њујорк. „Преземаме итни мерки. Експерти за водена екологија зедоа примероци од кулите за ладење во погодената област. Секоја кула кај која ќе се потврди присуство на бактеријата ќе мора веднаш темелно да се исчисти и дезинфицира“, додаде тој.

Болеста на легионерите е тешка форма на пневмонија предизвикана од вдишување на бактеријата Legionella. Бактеријата се шири преку ситни капки вода во воздухот, а до инфекција може да дојде и ако контаминирана вода навлезе во белите дробови.

Бактеријата природно се наоѓа во средини со слатка вода, но нејзиното присуство таму обично не предизвикува болест. Според Центрите за контрола и превенција на болести (CDC), таа најбрзо се размножува во топла вода и при високи температури.

Болеста генерално не се пренесува од човек на човек. До инфекција може да дојде ако бактеријата навлезе во водоводниот систем на зградата – на пример, во тушеви, славини, резервоари за топла вода, грејачи, кули за ладење и други водоводни инсталации.

Повеќето заболени лица закрепнуваат со третман со антибиотици, но кај некои пациенти може да се развијат фатални компликации. Ова особено важи за луѓето со ослабен имунолошки систем или хронични белодробни заболувања. Според CDC, приближно едно од десет лица заразени со болеста на легионерите умира од оваа состојба.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни