Македонија

Се шверцала хартија преку Албанија за Македонија да испечати свои пари

Се шверцала хартија преку Албанија за Македонија да испечати свои пари

Во моментите на распадот на поранешната југословенска федерација, Македонија се наоѓаше пред комплетен економски колапс. Упадите во монетарниот систем што прво ги направи Србија, а потоа и Словенија и Хрватска, предизвикаа незапаметена хиперинфлација. Во тоа време, вредноста на парите се преполовуваше за два до три дена, а уличните дилери на девизи беа најважните личности во општеството.

Како државата успеа да застане на свои нозе и да го воведе македонскиот денар, во отвореното студио на 4news.mk детално раскажа професорот Љубе Трпески, поранешен потпретседател на Владата и гувернер на Народната банка.

„Претседателот Киро Глигоров формираше работна група под превезот на најстрога државна тајна за воведување сопствена валута. Во неа влегоа премиерот Никола Кљусев, министерот за финансии Методија Тошевски, гувернерот Борко Станоевски, академик Ксенте Богоев и мојата маленкост. Се состанувавме скоро секоја вечер. Тоа беше операција во која немате право на грешка — како кај минерите, ако згрешите еднаш, народот ја губи довербата и настанува катастрофа за државата“, се присети Трпески.

Подготовката на валутата се одвивала во исклучително сложени безбедносни околности. Бидејќи специјална хартија за банкноти во поранешната држава произведуваше само една фабрика во Словенија, за да се избегнат воените жаришта и сомнежот на Белград, хартијата морала да се шверцува по тајна рута — со брод до Албанија, а оттаму со камиони кон Македонија. Првите вредносни бонови се печателе во печатницата „11 Октомври“ во Прилеп. На нив намерно не стоело никакво име на валута, туку само бројки (10, 50), затоа што секое спомнување на името во Собранието би значело прерано откривање на тајната операција.

Натамошниот чекор бил меѓународниот конкурс за дизајн на денарот во 1993 година. На конкурсот се пријавиле осум автори, а победил проектот под шифрата „Доријан“, за кој подоцна се утврдило дека е на уметничката Билјана Унковска. Иако Унковска подготвила извонредни решенија и со историски личности (како Гоце Делчев, Браќата Миладиновци и Климент Охридски), државниот врв, по сугестија на претседателот Глигоров, одлучил на банкнотите да се најдат исклучиво културни, историски и природни симболи.

„Глигоров се плашеше да не ја направиме грешката на Југославија, каде со инфлацијата ликот на Никола Тесла стана безвреден. Дополнително, се знаеше дека ставањето личности ќе отвори непотребни меѓуетнички дебати. Затоа се одбравме за културното наследство — Ангелот од Курбиново, Тетовското кале и Богородица. Банкнотата со Богородица подоцна предизвика вистинска сензација кај светските колекционери како единствен таков примерок во светот“, објасни Трпески.

Тој се осврна и на болната приватизација, истакнувајќи дека грешката не била во студијата на економистот Ченто Вељановски, туку во злоупотребите на терен. Проценителските групи од факултетите и институтите влегле во спрега со директорските гарнитури, вештачки го потценувале општествениот имот и преку ноќ се создале милионери на сметка на уништувањето на средната класа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни