Македонија на 35 години независност се соочува со системска криза во која партиските централи целосно го заробија парламентот, а граѓаните го изгубија својот уставен суверенитет. Ова се главните пораки што ги испратија пратеничката од првиот парламентарен состав Ѓулистана Марковска и првиот министер за правда во независна Македонија Туше Гошев.
Двајцата современици на раѓањето на државноста направија паралела меѓу ентузијазмот на првиот плурален парламент и денешната пракса каде пратениците се сведени на гласачка машинерија.
„Првиот состав од 1991 година беше состав на ентузијасти, непрофесионален парламент избран по чист мнозински систем. Секој пратеник тогаш чувствуваше одговорност исклучиво пред граѓаните што го гласале во неговата изборна единица. Денес, со пропорционалниот систем, партократијата целосно завладеа со Македонија. Добиваме сè послаби пратенички листи. Пратениците станаа само ‘копчиња’ за притискање — црвено или зелено, зависно од тоа што ќе нареди лидерот. Ако некој размислува со своја глава, веднаш е обележан“, предупреди Марковска.
Првиот министер за правда, Туше Гошев, кој учествуваше во подготовката на првиот македонски Устав и донесувањето на преку 1.100 системски закони, оцени дека денес во земјата има фактичка суспензија на уставниот поредок.
„Суверенитетот произлегува од граѓаните и му припаѓа на народот, но денес тој суверенитет е украден преку пропорционалниот изборен модел. Народот не гласа за луѓе со име и презиме, туку гласа за партија. Членот 62 од Уставот вели дека пратеникот одлучува по своја совест и слободно, а во реалноста пратениците одлучуваат онака како што ќе им нареди партискиот шеф. Уште потрагично — бидејќи лидерот на партијата станува премиер, наместо парламентот да врши политичка контрола врз извршната власт, премиерот го контролира парламентот! Тотално е урнат принципот на поделба на власта (checks and balances)“, дециден е Гошев.
Гошев отвори жестока критика и кон правосудството, нагласувајќи дека корупцијата не настанала случајно, туку дека ја создал самиот деформиран систем. Како драстичен пример ги посочи спорните измени на Кривичниот законик во членот 353 за злоупотреба на службената положба.
„Тоа е принципот на lex animata — власта ги менува законите за да се спаси од сопствената одговорност. Направија три години затвор, за по шест години делата да застарат. Ако некој бил на власт четири години, со две години одолговлекување станува слободен човек. Законите веќе не се општи правила, туку инструмент за остварување на интересите на партијата на власт. Додека извршната власт не ги тргне рацете од судовите и додека не воведеме отворени листи или враќање на мнозинскиот изборен принцип, нема да имаме вистинска правна држава“, заклучи првиот министер за правда.