Приватен деловен авион доживеал несреќа при слетување на меѓународниот аеродром во Мисрата, Либија, по што во леталото избувнал пожар.
Поради инцидентот, сите летови на аеродромот биле привремено прекинати, јавуваат турските медиуми.
Авионот полетал празен од истанбулскиот аеродром „Ататурк“ во 05:45 часот и требало да преземе патници во Либија. Во моментот на несреќата во него немало патници, туку само тричлен екипаж – двајца пилоти и една стјуардеса.
Засега нема информации за евентуални повредени членови на екипажот, ниту за точната причина за несреќата.
Според информациите објавени во турските медиуми, приватниот авион е во сопственост на турскиот бизнисмен Хамди Акин, претседател на „Акфен холдинг“.
Надлежните служби се очекува дополнително да соопштат детали за околностите под кои дошло до инцидентот.