Речиси една година од превземањето на функцијата градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во интервју за 4ТВ даде отчет за затекнатата состојба, финансиската стабилизација на градот и клучните инфраструктурни и еколошки проекти.
Според Ѓорѓиевски, почетокот на неговиот мандат бил обележан со сложена финансиска и оперативна криза во сите јавни претпријатија.
Градоначалникот истакна дека наследил долг од речиси 300 милиони евра, затекнал вработени во јавните претпријатија кои со месеци не земале плата и сериозен протест и незадоволство кај приватните превозници. Со домаќинско работење, Градот Скопје во моментов ги расчисти сите сопствени долгови, додека кумулативниот долг на јавните претпријатија е драстично намален на околу 60 милиони евра.
Многу сообраќајни проекти — булевари, клучка и мостови — кои со години беа закочени, според Ѓорѓиевски се наоѓаат во „фото-финиш“ и нивно целосно пуштање во функција се очекува во следните неколку недели до месеци.
Главниот фокус е ставен на еколошките проекти. Процесот на гаснење на депонијата „Вардариште“ е завршен и следува деконтаминација за изградба на нов парк од 200.000 метри квадратни. Завршни активности за изградба на паркови се одвиваат и во Бутел, Карпош и кај последната петка.
Во врска со обвинувањата од опозицијата за заштедата од половина милион евра за гориво во ЈСП Скопје, Ѓорѓиевски појасни дека сите податоци се базираат на официјални извештаи од Државниот завод за статистика (ДЗС) и ги отфрли сите шпекулации за манипулации.
Тој заклучи дека иако состојбата во Скопје сè уште не е совршена, поставени се стабилни темели во управувањето со градот и јавните претпријатија.