Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, гостуваше во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ каде што детално ги елаборираше фазите за целосно закружување на проектот за булеварот „Македонија“ и подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“.
Иако првично било предвидено за време на неговиот мандат да се реализира само првата фаза, Ѓорѓиевски истакна дека благодарение на финансиската стабилизација и зголемената дисциплина на Градот, донесена е одлука целиот капитален проект да биде целосно завршен.
Проценетата вредност на проектот била 1,1 милијарда денари, но по спроведената јавна и транспарентна постапка, изведувачот ја добил за цела од 750 милиони денари со ДДВ. Заштедените средства се пренаменети во ребалансот за реализација на спојувањата и кружните токови.
Градежните активности во делот од Кисела Вода кон тунелите веќе се започнати, а рокот за изведба е до крајот на следната година. На овој потег се предвидени два нови кружни тека — еден кај МВР (спојување на улиците „Огњан Прица“ и „Јордан Мијалков“) и втор во делот кон „Рамстор“ и Центарот. Дополнително, кај МВР ќе се гради и нова пумпна станица за конечно решавање на проблемот со поплавите при пообилни дождови.
За време на изведбата, улицата „Јордан Мијалков“ ќе стане двонасочна. Ѓорѓиевски апелираше за разбирање и трпение од страна на скопјани, нагласувајќи дека овој проект го решава сообраќајниот метеж за наредните 100 години.
Веднаш по комплетирањето на втората фаза, без прекин ќе се влезе во финалната етапа — излезот кај „Нова Македонија“. Таму е предвиден нов кружен тек и проширување за уште една лента кон Цветниот пазар сè до Католичката црква.
Во однос на имотните прашања, градоначалникот појасни дека процесот на експропријација кај Кисела Вода е пред самиот крај и дека за делот кај Цветниот пазар, доколку има потреба од дислокација на закупците, Градот ќе обезбеди соодветни алтернативни решенија. Тој порача дека колективниот интерес и функционалноста на целиот град мора да бидат на прво место.