Тендерската постапка за изградба на системот за брз автобуски превоз – БРТ во Скопје – ќе биде објавена во наредните денови, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Одговарајќи на прашањето на модераторот до каде е реализацијата на проектот, Ѓорѓиевски рече дека постапката за проектирање и изведба е подготвена и се спроведува во согласност со европските регулативи, во координација со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
„Во текот на наредниот некој ден ќе биде објавена тендерската постапка“, рече Ѓорѓиевски.
Според неговите проценки, доколку постапките се одвиваат според планираното, градежните активности би можеле да започнат кон крајот на пролетта следната година.
Градоначалникот очекува БРТ, заедно со новите автобуси и градскиот воз, да понуди три сериозни алтернативи за скопјани кои сакаат да го остават автомобилот.
„Ако ги врземе градскиот воз, новите автобуси и БРТ-то, мислам дека Скопјани ќе имаат три сериозно добри алтернативи надвор од својот автомобил за користење“, изјави тој.
Една од главните предности на БРТ, според Ѓорѓиевски, ќе биде фреквенцијата на автобусите. Тој очекува времето на чекање да биде под шест минути.
Проектот предвидува и набавка на дополнителни 40 еколошки автобуси, кои ќе бидат ставени во функција на БРТ системот. Трасата треба да го поврзе Ѓорче Петров со Аеродром.
Ѓорѓиевски вели дека неговата цел е проектот да стане функционален до крајот на мандатот.
„Ако оди сè по планот, а искрено ќе дадам сè од себе, заедно со тимот во наредниот период, до крајот на мојот мандат, мислам дека ќе биде функционален целиот проект“, рече градоначалникот.
Градоначалникот изрази жалење што проектот за БРТ не бил реализиран порано, посочувајќи дека во минатото имало критики и дилеми околу неговата реализација.
Како пример ја наведе критиката за средишното зеленило на булеварите по кои треба да се движат автобусите.
„Главната критика беше средишното зеленило. Јас околу средишното зеленило – еден автобус ќе биде од едната страна, другиот од друга“, објасни Ѓорѓиевски.
Тој рече дека дел од критиките биле оправдани, а дел ги оцени како политички.
„Не може, на крајот на денот, јас нешто што сум кажал дека не е добро, сега да кажам дека е добро. Имаме и такви случаи во политиката“, рече тој.
Во разговорот беше отворено и прашањето дали поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов ќе биде поканет на отворањето на БРТ.
Ѓорѓиевски одговори дека нема причина тоа да не се случи.
„Шилегов ќе го поканам на отворањето“, рече градоначалникот, додавајќи дека Шилегов бил тесно поврзан со проектот.
Ѓорѓиевски посочи дека при отворањето би ги поканил и поранешните градоначалници Коце Трајановски и Петре Шилегов, поврзувајќи го тоа и со реализацијата на проектот „Момин Поток“.
Во разговорот беше споменато и поранешното раководство на Град Скопје, при што Ѓорѓиевски порача дека дел од прашањата поврзани со проектите и нивната реализација треба дополнително да се истражат.
На крајот од разговорот, тој се согласи и да упати покана за гостување во емисијата доколку поканетата личност ја прифати.