Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави интензивна реализација на повеќе инфраструктурни проекти во главниот град. Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој рече дека очекува до крајот на годината да бидат завршени повеќе значајни проекти, меѓу кои Момин Поток, делови од булеварот „Борис Трајковски“ и мостот на Љубљанска.
Ѓорѓиевски откри дека често во вечерните часови излегува на терен со своите соработници за да ја следи динамиката на градежните активности.
„Имам пракса, знаат граѓаните, каде што работев и во Кисела Вода – по завршување на работните обврски, обично го заспивам синот дома и после тоа излегуваме на терен да видиме до каде сме, што сме со објектите“, рече тој.
Според него, во моментов има сериозен напредок на проектот Момин Поток. Еден од мостовите е веќе целосно бетониран, додека на вториот мост, над реката Серава, се подготвува бетонирањето.
Истовремено се работи и на мостот на вториот дел од трасата кај реката Серава, кој претходно се урна.
„Едниот мост е готов, бетониран е целосно, бетонот зрее и треба да помине доволно време за да можат да го нанесат асфалтот. Тоа се денови во прашање“, изјави Ѓорѓиевски.
„До Нова година овие три проекти ќе бидат завршени“
Крајниот рок за завршување на проектот Момин Поток, според градоначалникот, е до крајот на годината. Тој очекува работите да завршат и порано.
Ѓорѓиевски се осврна и на булеварот „Борис Трајковски“, каде што веќе е поставен асфалтен слој на делот кон Драчево, а интензивно се работи и на спротивната страна.
Тој изрази благодарност до сопствениците и стопанствениците кои, како што рече, со отстапувањето на земјиштето овозможиле да продолжи проектот по повеќегодишни проблеми со експропријацијата.
Како трет значаен проект го посочи мостот на Љубљанска, кој треба да овозможи подобро сообраќајно поврзување во северниот дел на градот.
„Го поврзуваме со Карпош, границата Ѓорче Петров, и сериозно олеснување на сообраќајниот метеж во тој дел од Скопје ќе биде во наредниот период“, рече градоначалникот.
Тој најави дека до Нова година очекува да бидат реализирани овие три проекти, како и два нови паркови во Бутел и Карпош.
Ќе се работи и на мостот „Генерал Михајло Апостолски“
Ѓорѓиевски најави дека сака до крајот на својот мандат да биде ставен во функција и мостот „Генерал Михајло Апостолски“.
На трасата, според него, веќе се расчистени дел од објектите, а наскоро треба да започне изградбата на пристапните улици.
„Ќе дадам сè од себе, иако не сум го ветил во програмата, да го отворам и тој мост, односно целосно да го направиме булеварското поврзување до него“, рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека остануваат уште околу 22-23 објекти, при што со дел од сопствениците се водат преговори, а за други случаи има судски постапки.
Бутелска–Радишанска и влезот во Скопје
Градоначалникот најави и почеток на градежни активности на потегот Бутелска–Радишанска, каде што треба да се изгради околу два километри атмосферска канализација.
„Во наредниве неколку дена започнуваме да решаваме еден сериозен проблем за Бутелчани“, рече тој.
Во следните десетина дена, според Ѓорѓиевски, треба да биде распишана и тендерска постапка за уредување на влезот во Скопје, на потегот од Кисела Вода кон Ѓорче Петров.
Планот предвидува уредување на пешачките патеки и дополнително зеленило.
„Тоа ќе биде еден од поубавите проекти на Градот Скопје“, оцени градоначалникот.
Тој рече дека средствата се обезбедени со заштеди од постојните проекти и преку ребалансот на буџетот.
„Сè што сум ветил ќе биде реализирано“
Ѓорѓиевски уверува дека проектите од неговата изборна програма ќе бидат реализирани до крајот на мандатот, но додава дека во меѓувреме се појавуваат и проекти кои не биле дел од предизборните ветувања.
Како пример го наведе булеварот „Хасан Приштина“.
Според него, бидејќи Владата го реализира проектот Скопје–Блаце, не би било логично тој дел од градот да остане неуреден.
Ѓорѓиевски рече дека по измените на проектот имал средба со стопанствениците од тој дел и дека, доколку се дадат согласности за експропријација, проектот би можел да биде тендериран во јануари.
Во интервјуто беше отворено и прашањето за одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која утврдила дискриминација во случај со блокирање граѓанка на неговиот профил на „Фејсбук“. Модераторот го праша Ѓорѓиевски зошто ги блокира критиките.