Македонија

Ѓорѓиевски за жичницата на Водно: Три од четири сензори на жичарницата не функционирале

Ѓорѓиевски за жичницата на Водно: Три од четири сензори на жичарницата не функционирале

Реконструкцијата и сервисирањето на жичарницата на Водно мора да се направат темелно, а безбедноста на граѓаните е приоритет пред нејзиното повторно пуштање во употреба, порача градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ѓорѓиевски рече дека по преземањето на функцијата побарал од реномираната компанија „Допелмаер“, која ја добила постапката за реконструкција, да изврши детална проверка на состојбата на жичарницата.

Според него, проверката покажала сериозни недостатоци.

„Мене ми кажаа на состанок веднаш после проверките нешто што беше фрапантно за мене – моравте веднаш да го стопирате функционирањето на жичарницата“, рече Ѓорѓиевски.

Како особено сериозен проблем тој го посочи системот со сензори за движењето на кабините.

„Во Швајцарија имало несреќа пред неколку години во која, за жал, загинала госпоѓа. Несреќата се случила поради нефункционалност на еден од четирите сензори за движењето на кабините. Кај нас три од четири не функционираа“, изјави градоначалникот.

Ѓорѓиевски вели дека токму ваквите сознанија биле причина безбедноста да биде ставена пред политичките и јавните реакции околу прекинот на работата на жичарницата.

„Не може ништо да биде повредно – ниту моите поени, ниту шетањето на Водно и сè останато – ако, не дај Боже, не се случи нешто“, рече тој.

Сервис еднаш годишно

Градоначалникот оцени дека жичарницата не смее да се третира како сезонски објект, туку како инфраструктура која се користи во текот на целата година.

Тој најави дополнителна обука за вработените кои треба да ги вршат редовните сервиси и проверки.

„Таму треба стратешки да се делува и еднаш во годината да се прави проверка, но и промена на оние делови кои треба да ги менувате“, рече Ѓорѓиевски.

Според него, редовното одржување е особено важно бидејќи жичарницата работи 12 месеци во годината и ја користат голем број граѓани.

Во наредните денови, според најавите, треба да пристигнат потребните делови, како и оперативниот тим кој ќе работи на реконструкцијата.

По завршувањето на реконструкцијата, градоначалникот најави дека лично ќе ја тестира жичарницата заедно со директорот на ЈСП и вработените.

Тој очекува компанијата да изврши финална проверка и да обезбеди сертификат и гаранции за вградените делови пред жичарницата повторно да биде ставена во употреба.

„Од кога ќе заврши целиот процес, кога ќе потврди компанијата, кога ќе добиеме сертификат, гаранција на делови и сè останато, јас заедно со директорот на јавното сообраќајно претпријатие и со своите деца ќе отидеме да ја тестираме и да им покажеме на Скопјани“, рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека неговото лично качување на жичарницата не го смета за популизам, туку за начин да покаже дека објектот е безбеден.

„Најдобар начин да покажете дека нешто е безбедно е кога јас ќе се качам. На тој начин ќе покажам дека навистина е добра состојбата“, рече градоначалникот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни