Недостигот на обвинители и ограничените ресурси продолжуваат да го оптоваруваат работењето на Јавното обвинителство, а последиците најмногу се чувствуваат во темпото на постапките, оцени државниот јавен обвинител Ненад Савески при презентацијата на Годишниот извештај за работата во 2025 година пред Советот на јавни обвинители.
„Имам впечаток дека еден обвинител работи работа за тројца“, рече Савески, посочувајќи дека зголемениот обем на работа влијае врз динамиката на постапките, но, според него, не и врз квалитетот на обвинителските одлуки.
Како дополнителни проблеми тој ги посочи несоодветните просторни услови и недоволното финансирање. Савески оцени дека прашањата поврзани со човечките ресурси и средствата се повторуваат со години и имаат директно влијание врз ефикасноста на институцијата.
Тој се осврна и на Законот за јавно обвинителство, кој подолг период се наоѓа во собраниска процедура. Савески апелираше законот да биде донесен во најкус можен рок, со почитување на препораките на Венецијанската комисија, особено во делот на процентот од државниот буџет што треба да му припаѓа на обвинителството.
Одговарајќи на прашања за актуелни случаи, Савески се осврна и на притворот на обвинетиот Дејан Јованов во предметот „Пулс“. Тој посочи дека одлуките за гаранции и мерки за обвинетите ги носат надлежните јавни обвинители, при што сите обвинети ги имаат правата загарантирани со Законот за кривичната постапка.
Во однос на дилемите поврзани со финансирањето на прославата по повод 35-годишнината од независноста, Савески рече дека Јавното обвинителство ја разгледува секоја ситуација од кривично-правен аспект.
„Слушнав дека Антикорупциската комисија има отворен предмет, но нивната постапка не е врзана со нашата. Секако, секоја ситуација, вклучително и оваа, обвинителството ја анализира и доколку најде основи, ќе постапи“, изјави Савески.
За новиот правилник за избор на шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, државниот јавен обвинител оцени дека со него се поставуваат стандарди за поголема транспарентност. Според него, процесот е појасен, а кандидатите добиваат можност јавно да ги претстават своите програми и идеи.