Балкан

ВИДЕО Немири во Хаг по пресудите за Тачи и поранешните команданти на ОВК

ВИДЕО Немири во Хаг по пресудите за Тачи и поранешните команданти на ОВК

Изрекувањето на пресудите за поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и поранешните команданти на УЧК предизвика протести и инциденти во Хаг. Поддржувачи на обвинетите се собраа на плоштадот Маливелд, каде што дојде до судири со полицијата, а според извештаите од местото, има и уапсени демонстранти.

Безбедносните мерки во Хаг беа засилени поради најавените протести, особено во близина на објектите на Специјализираните совети на Косово, каде што се водеше судскиот процес.

Тензиите се зголемија по објавувањето на пресудите. Хашим Тачи беше осуден на 25 години затвор, додека Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи исто така беа прогласени за виновни и добија повеќегодишни затворски казни.

Четворицата беа прогласени за виновни за воени злосторства, меѓу кои убиства, незаконско лишување од слобода, тортура и сурово постапување. Судскиот совет ги ослободи од обвиненијата поврзани со злосторства против човештвото поради недостиг на доволно докази.

На Маливелд се собраа поддржувачи на поранешните лидери на УЧК од Косово и од дијаспората. Дел од демонстрантите влегоа во конфликт со полицијата, додека безбедносните сили го обезбедуваа просторот околу местото на протестот.

Протести по пресудите имаше и во Приштина, каде што беа истакнувани знамиња и симболи на УЧК. Во Хаг, пак, голем број поддржувачи го следеа изрекувањето на пресудите и изразија незадоволство од одлуката на судот.

Според Специјализираните совети на Косово, пресудата во предметот против Тачи, Весели, Селими и Красниќи беше закажана за 16 септември, а рочиштето беше јавно.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни