Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги извести граѓаните дека во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) конечно е распишана тендерската постапка за предквалификација за проектот за брз автобуски превоз (БРТ).
Ѓорѓиевски истакна дека изминатиот период биле надминати сите пречки благодарение на тимот на Градот Скопје, поддршката од ЕБОР, Владата и премиерот. Тендерската постапка за аплицирање е отворена до 2 ноември, а градоначалникот ги повика сите заинтересирани домашни и регионални компании да се пријават со цел да се обезбеди поголема конкуренција.
По надминувањето на сите административни и технички предизвици, започнува завршната фаза на подготовка, со што се преминува кон проектирање и изведба на системот.
Проектот БРТ е еден од трите главни столбови за модернизација на сообраќајот во главниот град, заедно со набавката на 100 нови автобуси (за кои постапката е завршена) и воспоставувањето на градскиот железнички транспорт.
Целта на овие инвестиции е создавање брз, модерен и еколошки транспорт кој ќе ги поттикне граѓаните помалку да ги користат своите автомобили.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека овој капитален проект целосно ќе биде ставен во функција на скопјани до крајот на неговиот тековен мандат.