Отсуство на медиумска експонираност и јавна отчетност го одбележаа четиригодишниот мандат на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК), Ислам Абази. Иако неформалните брифинзи беа добредојдени за конкретни предмети, затвореноста на првиот човек на ова клучно обвинителство остави простор за сериозни критики во јавноста, особено по контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година со кои беа намалени казните за функционерска корупција.
Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочи дека изборот на неговиот наследник сепак носи позитивни новини во насока на поголема транспарентност.
За разлика од претходната пракса, кандидатите за нов раководител на ОЈО ГОК овојпат ќе мора јавно да ги презентираат своите програми. Советот на јавните обвинители неодамна усвои нов Правилник со кој се предвидува организирање јавна седница.
На оваа седница, во присуство на новинари, медиуми и мониторинг-организации, сите пријавени кандидати ќе треба да го претстават својот план за работа и да одговорат на прашањата за тоа како планираат да раководат со оваа важна институција.
Во трката за избор на нов шеф на ОЈО ГОК влегуваат пет препознатливи имиња од правосудниот систем:
- Фатон Азизи – јавен обвинител од ОЈО ГОК;
- Искра Хаџи Василева – јавна обвинителка од ОЈО ГОК;
- Трајче Пеливанов – обвинител од Вишото јавно обвинителство;
- Јован Цветановски – обвинител од Вишото јавно обвинителство;
- Лидија Рајчевиќ – обвинителка од Основното јавно обвинителство – Скопје.
Петковска потенцираше дека покрај менаџерските способности и професионалната биографија за застапување предмети, клучниот критериум за идниот раководител мора да биде личниот и професионалниот интегритет.
Идниот шеф на ОЈО ГОК ќе мора да поседува капацитет за решавање на внатрешните односи во обвинителството, но пред сè, ќе треба да служи како „прв бран на одбрана“ и штит од сите политички притисоци кои редовно го следат гонењето на високата корупција.