Македонија

Кој е вистинскиот профил за шеф на ОЈО ГОКК? Критериумите одат подалеку од законскиот минимум

Кој е вистинскиот профил за шеф на ОЈО ГОКК? Критериумите одат подалеку од законскиот минимум

Ивана Петковска од Коалицијата за правично судење, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочи дека при изборот на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да се земат предвид повеќе критериуми, а не само законскиот минимум.

Според Петковска, кандидатите веќе се утврдени на кандидатска листа, а нивната досегашна работа треба да биде предмет на оценување. Таа нагласи дека, покрај позитивната оценка од повисокото обвинителство и потребниот стаж, значајна улога треба да има нивниот професионален однос во досегашната кариера.

„Дисциплинските постапки, дали постоеле, начинот на којшто постапувале, колку предмети имале решено во минатото, како се соочувале со одредени притисоци, како се постапувале со интегритетот којшто го имаат“, наведе Петковска, говорејќи за критериумите што треба да се разгледуваат.

Таа оцени дека шест години стаж и позитивна оценка се минимални услови за кандидатура, но не се доволни сами по себе за избор на раководител на обвинителството.

„Не е само позитивната оценка, не е само стажот, тоа се минимум стандардите за да можат да се кандидираат“, рече Петковска.

Во разговорот таа посочи дека на оваа функција е потребен обвинител со професионален интегритет и отпорност на надворешни влијанија и притисоци, со оглед на надлежностите на ОЈО ГОК во предмети поврзани со организиран криминал и корупција.

Во продолжение од емисијата, Петковска се осврна и на кандидатите од утврдената листа, меѓу кои и на Јован Цветановски, чие професионално работење и јавноста веќе го познава од неговото постапување во предмети во ОЈО ГОК.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни