Свет

Експлозии во Ријад, црн чад над градот, гори резервоар за гориво во близина на аеродромот

Експлозии во Ријад, црн чад над градот, гори резервоар за гориво во близина на аеродромот

Денес во Ријад се слушнаа експлозии, а во близина на Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ се појавија голем облак од црн чад и пламен, неколку часа откако саудиските власти издадоа предупредување до жителите на главниот град за можна закана од воздух.

Известувач на АФП на самото место видел пожарникари како гаснат изгорен резервоар за гориво со логото на саудискиот нафтен гигант „Арамко“. Фотографиите на Ројтерс исто така прикажуваат голем облак од црн чад што се издига од просторот за складирање гориво во близина на аеродромот.

Саудиските власти сè уште не ја соопштиле причината за пожарот, ниту пак официјално го поврзале со напад од јеменските бунтовници Хути.

Пријавени се големи доцнења и откажувања на летови на аеродромот „Крал Калид“.

Во текот на денот, сервисот „Flightradar24“ го рангираше аеродромот на највисокото ниво на својот индекс на нарушувања, што укажува на сериозни проблеми поврзани со долги доцнења и бројни откажувања на летови.

Сведоци изјавија за Ројтерс дека слушнале неколку експлозии по издавањето на предупредувањето.

„Видовме црн чад и оган во правец на аеродромот“, изјави еден од жителите.

Саудиската служба за цивилна заштита во текот на ноќта издаде предупредување до жителите на Ријад, наведувајќи дека областа е изложена на „непријателска воздушна закана“ и повикувајќи ги да останат во затворени простории.

Подоцна беше соопштено дека опасноста поминала. Ова беше прво такво предупредување во саудиската престолнина откако во последните месеци повторно се разгореа судирите со Хутите во соседниот Јемен.

Хутите, кои уживаат поддршка од Иран, во последните недели извршија серија напади со беспилотни летала и ракети врз Саудиска Арабија. Во четвртокот, едно лице загина, а две беа повредени кога остатоци од пресретнато беспилотно летало на Хутите паднаа во областа Таиф. Саудиската противвоздушна одбрана претходно пресретна беспилотно летало за кое Ријад тврдеше дека се упатило кон Мека; Хутите негираа дека го целеле светиот град.

Конфликтот дополнително ескалираше по значителното напредување на Хутите долж јеменскиот брег на Црвеното Море.

Тие ја зазедоа стратешката пристанишна област Мока и островот Перим во теснецот Баб ел-Мандеб, кој претставува еден од клучните поморски патишта во светот. Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен и во последните денови изврши голем број воздушни напади врз позициите на Хутите.

Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, вчера тврдеше дека Саудиска Арабија извршила околу 300 напади врз Јемен во текот на изминатата недела и предупреди дека нападите нема да останат без одговор.

Советот за безбедност на ОН вчера ги осуди нападите на Хутите врз Саудиска Арабија и повика на деескалација на конфликтот.

Засега нема официјална потврда дека денешните експлозии и пожарот во близина на аеродромот во Ријад биле резултат на напад од страна на Хутите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни