Свет

„Мекдоналдс“ инвестира 8,5 милијарди долари во франшизи

„Мекдоналдс“ инвестира 8,5 милијарди долари во франшизи

Американскиот гигант во индустријата за брза храна „Мекдоналдс“ објави дека до 2036 година планира да издвои околу 8,5 милијарди долари за поддршка на рестораните што работат под франшиза.

Средствата ќе бидат наменети, меѓу другото, за намалување на трошоците за закуп на просторот и за поддршка на инвестициите на корисниците на франшизите, со цел да се поттикне продажбата.

Како дел од планот, „Мекдоналдс“ постави цели за зголемување на оперативната маржа и уделот на пазарот, во обид повторно да го забрза растот на продажбата.

Стратегијата „НЕКСТ“, која компанијата ја претстави во јуни, предвидува подобрување на понудата и услугата во рестораните, како и привлекување поголем број гости преку нови производи и поповолни цени.

Високата инфлација и борбата на синџирите за брза храна за привлекување потрошувачи во изминатите месеци влијаеја врз работењето на „Мекдоналдс“ и неговите конкуренти во САД и во други делови од светот.

Во периодот од април до јуни, вкупните приходи на „Мекдоналдс“ пораснале за четири отсто, достигнувајќи 7,1 милијарда долари.

Потешко е да се вратат потрошувачите со пониски приходи

Приходите од рестораните што работат под франшиза пораснале со иста стапка, достигнувајќи 4,4 милијарди долари, додека приходите од рестораните во сопственост на компанијата се зголемиле за три отсто, на 2,5 милијарди долари.

Од раководството меѓу причините за послабиот раст ги наведоа и тешкотиите во спроведувањето на одредени деловни активности.

Во такви услови, потешко било повторно да се привлечат потрошувачите со пониски приходи, кои во целина го намалиле трошењето во рестораните.

Во пресрет на средбата со инвеститорите, раководството најави дека до 2036 година во стратегијата „НЕКСТ“ ќе инвестира околу 8,5 милијарди долари, од кои приближно пет милијарди долари до 2030 година.

Целта е поврат на инвестицијата за околу четири години

Планот предвидува намалување на трошоците за закуп на просторот и финансирање на инвестициите на корисниците на франшизите.

Според проценките на раководството, подобрувањето на ефикасноста за 2,5 процентни поени би му донело на просечниот американски ресторан околу 100.000 долари дополнителни расположливи средства годишно.

Корисниците на франшизите би требало да го повратат вложеното за приближно четири години.

Од „Мекдоналдс“ проценуваат дека проширувањето на мрежата на ресторани во 2027 година ќе ја зголеми вкупната продажба за речиси 2,5 отсто, додека до 2030 година се очекува годишен раст од околу два отсто.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни