На СДСМ му е потребно освестување и враќање кон изворните вредности, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, коментирајќи ги новите фракции и иницијативи во опозициската партија кои бараат смена на актуелното раководство.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Минчев им посака среќа на опозициските групации во нивните намери, но посочи дека нивните критики за погрешните и коруптивни политики на СДСМ доаѓаат со задоцнување.
„На социјалдемократскиот сојуз му е потребно освестување и јас искрено им посакувам среќа на оние кои бараат промени. Сепак, има голема разлика меѓу нас и нив. Движењето ЗНАМ, предводено од Максим Димитриевски, ги гласно кажа сите грешки уште кога СДСМ беше на врвот на својата моќ, а не откако ги изгуби сите позиции. Дел од луѓето кои сега бараат смени беа активни учесници во таа власт и ги спроведуваа истите тие штетни политики“, изјави Минчев.
Тој додаде дека внатрепартиските превирања се нивна работа, но констатираше дека СДСМ денес се наоѓа во слободен пад и целосно распаѓање. Според него, партијата го изгубила легитимитетот пред сопственото членство бидејќи наместо за заштита на државните и граѓанските интереси, станала инструмент за зачувување на привилегиите на тесен круг функционери.