Околу 250 кафулиња на „Старбакс“ во Северна Америка ќе бидат затворени до крајот на оваа недела, во рамки на планот на компанијата за преиспитување на работењето и подобрување на искуството за клиентите и вработените.
Од компанијата велат дека затворањето е резултат на детална анализа на работењето на локациите. Дел од кафулињата не постигнуваат финансиски резултати што ги очекува компанијата, додека кај други не постои можност да се обезбеди посакуваното искуство за клиентите и вработените.
„Старбакс“ не открива кои локации ќе бидат затворени, ниту колкав број од нив се наоѓаат во САД. Компанијата исто така не соопшти колку од погодените кафулиња имаат синдикално организирани вработени.
Ова е втора поголема рунда затворања во рамки на актуелното преструктурирање на компанијата. Минатата година „Старбакс“ затвори стотици локации во Северна Америка и Европа.
Главниот оперативен директор Мајк Грамс во писмо до вработените наведе дека компанијата паралелно продолжува со вложувања во постојните кафулиња. Целта е до крајот на фискалната година, на 30 септември, да бидат обновени околу 1.500 локации во Северна Америка.
Досега се редизајнирани повеќе од 1.000 кафулиња во САД и Канада, со промени во ентериерот, повеќе места за седење и уредување насочено кон создавање попријатна атмосфера.
Грамс посочува дека и покрај подобрувањето на резултатите во поголемиот дел од мрежата, одредени локации продолжуваат да работат со послаби резултати.
Компанијата најави дека ќе се обиде да им понуди на погодените вработени преместување во други кафулиња каде што има можност за тоа. За оние за кои нема да може да се обезбеди ново работно место, предвидена е отпремнина.
И покрај затворањето на дел од локациите, „Старбакс“ наведува дека останува посветен на долгорочен раст на северноамериканскиот пазар и планира отворање нови кафулиња.