Реорганизација на државните институции и намалување на непотребните раководни позиции најавува Министерството за јавна администрација преку новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот Горан Минчев вели дека првите ефекти од рационализацијата веќе се видливи. Според него, со измените во Законот за инспекциски надзор, преку укинување на одредени функционерски позиции, од буџетот се заштедени околу 300.000 евра.
Како следен чекор го посочува новиот закон, кој е поставен на ЕНЕР и доставен до министерствата. Со него, како што објасни Минчев, треба да се направи појасна поделба на надлежностите и да се утврди оправданоста на постоењето и организацијата на државните институции.
„Ги скративме таканаречените функционерски позиции кои беа чист партиски кадар и непотребен трошок за државата. Вработените ги презедовме бидејќи станува збор за стручни јавни службеници. Со оваа рационализација заштедивме околу 300.000 евра во буџетот“, изјави Минчев.
Тој посочи дека пилот-проектот со враќањето на сите инспекторати под надлежност на Министерството за јавна администрација се покажал како успешен модел.
Со новото законско решение, според најавите, ќе се анализира и преклопувањето на надлежностите меѓу институциите. Минчев посочи примери во кои, како што рече, институција има директор, членови на управен одбор и само еден вработен, додека истовремено врши иста или слична дејност со друга установа.
По анализата, таквите институции би можеле да бидат споени, што би значело и укинување на дел од директорските и заменичките позиции. Процесот би опфатил и усогласување на околу 20 до 30 матични закони.
„Во Македонија постојат институции кои имаат еден директор, тројца членови на управен одбор и само еден вработен, а вршат иста или слична дејност со некоја друга установа. По соодветна анализа, таквите институции ќе бидат споени, со што ќе се укинат низа директорски и заменички места“, нагласи министерот.
Бидејќи за донесување на законот е потребно двотретинско мнозинство, Минчев најави јавни расправи во кои би учествувале политичките партии, невладините организации и експертската јавност.
Финалната дебата, според најавата, треба да се одржи во Собранието, во Комисијата за политички систем. Целта е законското решение да ги помине собраниските процедури до 31 декември, а опозициските партии веќе се контактирани за да ги достават своите предлози и сугестии.