Македонија

МВР поднесе кривична пријава против инспекторката од АХВ за примање поткуп

МВР поднесе кривична пријава против инспекторката од АХВ за примање поткуп

Вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство е лишена од слобода под сомнение дека побарала и примила 250 евра поткуп за да изготви записник во кој ќе биде наведено дека при инспекцискиот надзор не биле утврдени неправилности во угостителски објект.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Д.М. (42) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Според пријавата, Д.М., која била вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство како државен инспектор за храна, во периодот од 17 до 25 септември 2026 година, при редовна контрола во правно лице – угостителски објект, побарала 250 евра за да изготви записник од извршениот инспекциски надзор во кој ќе констатира дека не се утврдени неправилности во работењето.

Од МВР наведуваат дека инспекторката била свесна оти правното лице не ги поседувало процедурите за добра производна храна и добра хигиенска пракса во моментот на извршениот надзор.

Според пријавата, парите ги примила на 25 септември, по што на оштетениот му го предала и записникот од извршениот инспекциски надзор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни