Македонија

НОВИ БЛОКАДИ ВО СТУДЕНИЧАНИ: Жителите на Пагаруша и Вртекица повторно го пресекоа патот за тешките камиони

НОВИ БЛОКАДИ ВО СТУДЕНИЧАНИ: Жителите на Пагаруша и Вртекица повторно го пресекоа патот за тешките камиони

Револтот кај локалното население во Општина Студеничани ескалираше откако жителите на селата Пагаруша и Вртекица денеска повторно излегоа на терен и целосно ја блокираа локалната патна инфраструктура. Со овој радикален чекор, мештаните го исполнија своето ветување дека нема да дозволат понатамошно уништување на нивните патишта од страна на приватниот концесионер кој врши експлоатација на варовник.

Причината за денешната итна блокада е континуираното игнорирање на нивните барања од страна на надлежните институции. Тешките товарни возила натоварени со руда секојдневно поминуваат низ самиот центар на населените места, оставајќи зад себе огромни оштетувања на асфалтот, неподнослива бучава и густи облаци од прашина. Жителите алармираат дека е сериозно загрозена безбедноста на сите пешаци, а особено на децата кои секојдневно играат во близина на трасата каде транзитираат камионите.

Проблемот деновиве доби и политичка димензија во Собранието. Пратеникот Реџеп Исмаил упати остри критики до Министерството за енергетика и минерални суровини, обвинувајќи ја власта дека директно го штити приватниот профит на концесионерот, додека граѓаните плаќаат со сопствената безбедност и со уништување на инфраструктурата наследена уште од времето на Југославија.

„Не отстапуваме од нашите барања. Овој пат е нашата единствена врска со градот, а институциите молчат додека тој буквално исчезнува под тркалата на претоварените камиони“, децидни се револтираните жители.

Од Општина Студеничани претходно изјавија дека имаат подготвено проект за реконструкција на патниот правец, но засега нема конкретен договор со концесионерот за тоа кога и како ќе се санираат направените штети. Жителите порачуваат дека блокадите ќе останат активни сè додека не се донесе итна одлука за запирање на тешкиот транспорт низ нивните села или додека не се изнајде алтернативна рута надвор од населената зона.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни