Автомобили

Фолксваген и Ауди повлекуваат над 2 милиони возила поради дефект

Фолксваген и Ауди повлекуваат над 2 милиони возила поради дефект

Сојузната служба за моторен сообраќај (КБА) до Министерството за сообраќај упати предупредување врз основа на информации од производителот дека постои ризик од корозија на завртка со која кормилната летва е прицврстена за подрамката на возилото. Доколку завртката рѓосува, може да пукне и да доведе до губење на управувањето, пренесе Дојче веле.

Во светски рамки се опфатени околу 2,16 милиони возила, од кои нешто под еден милион во Германија. Засегнати се моделите на Фолксваген Тигуан, Туран, Голф Варијант, Кеди и Голф, произведени во периодот од 24 септември 2013 година до 1 јули 2024 година.

Истиот проблем е утврден и кај компактниот теренец Ауди Кју 3, со возила произведени од 31 октомври 2017 година до 23 мај 2024 година. На глобално ниво се засегнати речиси 700 илјади возила од ова семејство модели, од кои малку над 58 илјади во Германија.

Проблемот се однесува и на марката Сеат, конкретно на моделите Атека и Тарако, но засега не е објавен точниот број на опфатени возила.

Од Ауди соопштија дека досега не се регистрирани случаи на телесни повреди или посериозни материјални штети поврзани со овој дефект. Производителите ги повикуваат сопствениците на засегнатите возила да ги посетат овластените сервиси за проверка и замена на спојната завртка што ја прицврстува кормилната летва за подрамката. Интервенцијата ќе биде целосно бесплатна за сопствениците.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни