Европа веќе знае кои минерали се стратешки за нејзината економија и индустрија. Следното прашање е многу поконкретно: како тие минерали да се претворат во реално производство?
Токму тоа е главната теза на Јоргос Калпадакис, универзитетски професор за надворешни односи и истражувач во Атинската академија, во неговата колумна објавена во „Катимерини“.
Како пример ја наведува Грција, каде што во Виотија започна пробно производство на галиум во рамки на проектот на Metlen Energy & Metals. Европската комисија проектот го прогласи за стратешки во март 2025 година.
Овој пример го покажува и поширокиот европски предизвик. Кина обезбедуваше 77 отсто од увозот на галиум во ЕУ, а Брисел сака до 2030 година ниту една трета земја да нема удел поголем од 65 отсто во годишната европска потрошувачка на која било стратешка суровина.
За стратешките проекти европската рамка предвидува олеснето издавање дозволи и подобар пристап до финансирање. Но, според Калпадакис, тоа не е доволно – потребно е проектите навистина да се реализираат.
Ова е суштината на новата европска политика за минералите: стратешкиот ресурс да не остане само запишан во документите, туку да стане дел од производството, индустријата и европските синџири на вредност.
За земјите од регионот, кои располагаат со значаен, но во дел неискористен минерален потенцијал, ова отвора и поширока тема за тоа како националните ресурси можат да се поврзат со европските стратешки цели.
Кај нас, засега рударските проекти наидуваат на обвинувања од страна на дел од јавноста, а последно на тапет беше проектот за бакар во Иловица. Инвестицијата се актуелизираше на последната јавна расправа за просторниот план на државата во Струмица, откако во нацртот беше запишано дека Иловица го има најголемиот руден потенцијал во државата. По вжештената расправа реагираше и локалната иницијатива „И здравје и работа“ од каде порачаа дека стратешките одлуки не смеат да се носат под притисок на закани и политички игри.
„Одлуките за стратешките проекти и економскиот развој на државата не смеат да се носат под притисок на закани, навреди или политички игри. Јавната дебата е демократско право, но таа мора да се води со аргументи, факти и стручни анализи, а не со притисок врз експерти и институции. Нацрт-просторниот план е стратешки документ кој ги утврдува насоките за идниот просторен развој и ги идентификува потенцијалите и развојните можности“, соопштија од иницијативата.
Тие прашаа „кому му одговара Македонија да не ги користи своите природни и економски потенцијали?“.
„Кому му одговара да нема нови инвестиции, нови работни места и нови можности за младите? Не треба да се плашиме од развојот. Треба да бараме развој со правила, со наука, со високи еколошки стандарди и со јасна корист за државата и граѓаните. „И Здравје и Работа“ смета дека иднината на Македонија не смее да се определува со закани и политички притисоци. Таа треба да се гради врз факти, експертиза, институции, инвестиции и одговорност кон идните генерации“, се додава во соопштението.
Инаку, грчкиот професор во колумната потсети и дека проект бил паузиран само неколку месеци откако Европската комисија го признала како стратешки проект.
„Важноста на некои од дозволите во „Јадар“ во Србија истекува во текот на 2027 година, а работата сè уште не е продолжена. Турција проценува дека нејзиното наоѓалиште во Бејликова содржи околу 12,5 милиони тони оксиди на ретки елементи, иако сè уште се чека на независна потврда. Договорот на Украина со Вашингтон предвидува формирање заеднички инвестициски фонд за природни ресурси и обнова, иако дел од наоѓалиштата на минерали во земјата се наоѓаат на територија окупирана од Русија“, се додава во колумната.
Според професорот, ознаката „стратешки“ означува почеток, а не краен исход.
„Без локална согласност, одржливо финансирање и административен капацитет, Европа ризикува да остави нереализирани не само поединечни проекти, туку и својата поширока амбиција за намалување на зависноста од остатокот на светот. Способноста критичните суровини – кои претставуваат стратешки приоритет – да се претворат во реално производство, сама по себе стана мерило за геополитичка тежина“, заклучува професорот.
Првиот услов до ископ на критичните минерали, според него, е локалната согласност, додавајќи дека стравовите од губење на земјоделското земјиште во случајот со „Јадар“ довеле до противења за проектот. Како втор значаен фактор, тој го посочува финансирањето, бидејќи економската исплатливост не е предуслов за добивање на стратешки статус. За трет фактор е истакнат административниот капацитет.
„Метлен“ имаше корист од побрзиот процес на издавање дозволи како стратешки проект, но основниот проблем опстојува: постапката за добивање дозвола за рудник во Грција вообичаено трае од седум до осум години, наспроти горната граница од 27 месеци предвидена со Директивата. Земјите од Северна Европа нудат поинаков пример – Финска во јануари го обедини процесот на издавање дозволи под надлежност на еден орган, додека соодветното тело во Шведска ќе започне со работа во јули 2027 година“, пишува Калпадакис.
Во Македонија се очекува проекти од областа на рударството да бидат означени како „стратешки“ со новите закони за рударство и за геологија.