Свет

Напад со нож во словачко училиште: Осмоодделенец уби наставничка, повредени две лица

Напад со нож во словачко училиште: Осмоодделенец уби наставничка, повредени две лица

Една наставничка почина, а уште две лица се повредени во напад со нож во основно училиште во словачкото место Сташков. Според првичните информации, во нападот бил вклучен ученик од осмо одделение.

Починатата наставничка имала 61 година. Меѓу повредените се и ученичка, која според службите за итна медицинска помош е во критична состојба, како и 44-годишна наставничка со убодна рана во пределот на градите.

По пријавувањето на нападот, на местото биле испратени полициски и екипи на итната медицинска помош, вклучително и две амбулантни возила и два спасувачки хеликоптери. Повредената ученичка била префрлена со хеликоптер во болница во Мартин, додека повредената наставничка била транспортирана во болница во Жилина.

Полицијата го истражува случајот, а надлежните апелираа до јавноста да не шири непотврдени информации. Според досега објавените информации, ситуацијата е ставена под контрола и нема дополнителна опасност за јавноста. Мотивот за нападот засега не е соопштен.

Местото на настанот го посетија словачкиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток, министерот за образование Томаш Дракер и министерот за здравство Камил Шашко.

Случајот повторно го отвори прашањето за безбедноста во словачките училишта. Словачка и во претходните години се соочи со сериозни насилни инциденти во образовни установи, вклучително и нападот во Спишка Стара Вес во јануари 2025 година, кога беа убиени две лица, а едно беше повредено.

Полицијата продолжува со истрагата, а повеќе информации за околностите и текот на нападот се очекуваат по завршувањето на истражните активности.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни