Македонија

АНБ: Приведени пет лица, пронајдено оружје и материјали поврзани со „Исламска држава“

АНБ: Приведени пет лица, пронајдено оружје и материјали поврзани со „Исламска држава“

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спровела акција во Скопје во која од слобода биле лишени пет лица, соопшти АНБ.

Акцијата била реализирана на 28 септември, а претреси биле извршени на повеќе локации во Скопје, меѓу кои во Сингелиќ, Чаир и Брест.

Според АНБ, при претресите биле пронајдени и одземени нелегално оружје, пиштоли, автоматски пушки, муниција, тактички елеци и друга опрема. Биле пронајдени и пропагандни материјали поврзани со меѓународната терористичка организација „Исламска држава“, компјутерска опрема за „копање“ криптовалути, како и документација.

Од АНБ наведуваат дека лицата се осомничени за кривични дела поврзани со тероризам, согласно член 394-б од Кривичниот законик, и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, согласно член 396 од Кривичниот законик.

Според безбедносната агенција, станува збор за групација која се поврзува со транснационални криминални организации и за која постојат сомневања за поврзаност со насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија со наркотични средства и оружје, како и други криминални активности.

АНБ во соопштението наведува дека кај дел од членовите на групата е идентификуван радикален верски елемент, како и идеолошка поврзаност со радикални проповедници кои, според агенцијата, поддржуваат и пропагираат ставови на меѓународни терористички организации.

Дополнително, од АНБ тврдат дека дел од приведените лица биле во блиски контакти со странски терористички борци од Северна Македонија и регионот.

Како еден од начините на дејствување на групацијата, агенцијата го посочува и наводното индоктринирање на млади лица. Според АНБ, регрутацијата се одвивала преку верски објекти во кои се практикува радикален ислам, но и преку онлајн радикализација, по што младите лица биле насочувани кон криминални активности.

Акцијата е спроведена во координација со надлежните институции, а постапувањето продолжува во рамките на законските надлежности.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни