Македонија

Пет лица приведени во акција против група осомничена за тероризам и трговија со оружје

Пет лица приведени во акција против група осомничена за тероризам и трговија со оружје

Пет лица се лишени од слобода во полициска акција спроведена на 12 локации во Скопје, при која е сузбиена организирана криминална група осомничена за дела поврзани со тероризам и недозволена трговија со оружје.

Акцијата била спроведена на 28 септември од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

По наредби за претрес издадени од судија на претходна постапка, биле извршени претреси кај шест лица на вкупно 12 локации. При претресите биле пронајдени и одземени автоматски пушки и рамки за нив, снајперска пушка и рамка, пиштоли, муниција од различен калибар, тактички елек и опрема за радио-комуникација.

Полицијата соопшти дека биле пронајдени и знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина електронски уреди и мобилни телефони, како и поголема сума денарски и девизни парични средства.

Во текот на претресите било констатирано и неовластено користење електрична енергија, за што, според МВР, ќе бидат преземени дополнителни мерки согласно законските надлежности.

Според пријавените наоди, К.И. (34) од Скопје од 2023 година започнал да дејствува во рамки на злосторничка организација, за која полицијата наведува дека се поврзува со идеолошка матрица на ИСИС. Тој е осомничен дека вршел индоктринација на млади лица, ширел пропагандни материјали со екстремна и радикална содржина, како и дека набавувал и ракувал со огнено оружје.

Б.А. (24) и Е.С. (30), според полициските наоди, заедно со К.И. формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција.

На 29 септември Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава до ОЈО за ГОКК против тројцата осомничени.

За К.И. е поднесена пријава за кривичните дела „тероризам“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, додека Б.А. и Е.С. се пријавени за делото поврзано со неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.

Истрагата за случајот продолжува под надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни