Македонија

Пониска инфлација и раст на БДП, но граѓаните сè уште тешко го минуваат месецот

Пониска инфлација и раст на БДП, но граѓаните сè уште тешко го минуваат месецот

Премиерот Христијан Мицкоски ги истакна позитивните економски показатели – раст на БДП од 4,3% во вториот квартал и годишна инфлација од 2,6% во август, што е пониско од просекот на ЕУ (3,2%). Според него, ова е охрабрувачки сигнал за економијата, но признава дека граѓаните допрва треба поосетно да ги почувствуваат придобивките преку повисоки плати.

Економските аналитичари и податоците од терен, сепак, укажуваат дека пониската инфлација не значи и намалување на цените, туку само нивно побавно покачување.

Инфлацијата ја мери брзината на растот, а не нивото на цените. Претходните поскапувања остануваат товар за семејните буџети.

Виктор Митевски од ЗМАИ нагласува дека граѓаните плаќаат цени, а не проценти. За семејствата со ниски примања, каде што храната зафаќа најголем дел од буџетот, забавувањето на инфлацијата не значи и поевтин живот.

Според ССМ, синдикалната минимална кошница во септември достигна 69.432 денари (за храна се потребни 25.259 денари), што е зголемување за над 4.300 денари во споредба со истиот месец лани. За четиричлено семејство под кирија, трошоците надминуваат 84.000 денари.

Иако просечната нето-плата во јули изнесуваше 48.499 денари (реален раст од 4,7%), јазот меѓу примањата и трошоците останува голем за категириите со најниски приходи.

Растот на економијата и забавувањето на инфлацијата се добри показатели, но вистински подобрен животен стандард ќе има дури кога економскиот напредок ќе резултира со реално поголема куповна моќ на граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни