Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, зборуваше за иницијативата 12:05 во која учествува со група поранешни и актуелни политички и општествени актери, како и за причините поради кои, според него, токму сега се отвора прашањето за промени во опозицискиот блок.
Петров посочи дека иницијативата произлегува од оценката дека во македонското општество постои потреба од промена, но и од незадоволството од актуелните политички состојби.
„Ако не го направиме тоа ние, кои сме биле практично низ генерации и низ децении во СДСМ, кој би очекувал тоа да го направи?“, рече Петров, објаснувајќи зошто тој и неговите соработници решиле да се вклучат во иницијативата.
Како конкретен повод за започнување на разговорите, Петров го посочи резултатот на СДСМ на последните локални избори.
„Искрата беше скандалозниот резултат на локалните избори“, рече тој, додавајќи дека резултатот од околу 125.000 гласови го оценил како особено низок во споредба со резултатите што партијата ги имала во минатото.
Петров направи споредба со парламентарните избори во 2011 година, кога, како што рече, тој бил шеф на изборниот штаб и СДСМ освоил околу 370.000 гласови.
„Кога сме имале 370, сега имаме 125 илјади гласа како партија“, рече Петров, посочувајќи го падот на изборната поддршка како еден од клучните сигнали дека се потребни промени.
Според него, разговорите за иницијативата не започнале неодамна, туку траат подолг период. Тој нагласи дека се разговарало со голем број луѓе, особено со оние од левиот и центар-левиот политички спектар, но и со лица со кои претходно немале политички контакти.
„Ние сме го дискутирале тоа многу време, помеѓу нас со огромен број луѓе“, рече Петров.
Тој нагласи дека целта на иницијативата, барем во досегашната фаза, не била насочена кон конкретен политичар или партиски функционер. Според него, фокусот бил на отворање поширока дискусија за состојбите во државата и можностите за создавање заедничка платформа.
Петров оцени дека во моментов власта има значителна поддршка, додека опозицијата, според неговата оценка, се соочува со проблем да ја прошири својата поддршка. Токму затоа, како што рече, иницијаторите се обидуваат да разговараат со поширок круг на луѓе и да пронајдат заеднички точки.
Во емисијата тој се осврна и на 35-годишниот период од независноста на Македонија. Според Петров, државата има постигнато значајни работи, но истовремено направила и сериозни пропусти.
„Можеше многу подобро да се направи“, рече Петров, додавајќи дека критичкиот однос кон досегашните политики треба да биде основа за разговор за иднината.
Како дел од проблемите со кои се соочува државата, тој ги посочи транзицијата, зголемувањето на економската нееднаквост, иселувањето на младите и недостигот на перспектива кај дел од граѓаните.
„Множество луѓе млади кои се иселија од државата, множество други кои не веруваат дека има перспектива во државата“, рече Петров.
Тој порача дека, без оглед на политичката определба, потребно е да се бараат начини за подобрување на состојбите и создавање перспектива за граѓаните.