Македонија

Кривичниот суд со само 208 вработени од предвидени 628, затворенички помагаат во чистењето

Кривичниот суд со само 208 вработени од предвидени 628, затворенички помагаат во чистењето

Основниот кривичен суд Скопје се соочува со сериозен недостиг на кадар, покажуваат податоците презентирани на брифинг за медиумите. Според систематизацијата, во судот се предвидени вкупно 628 работни места, но во моментов се пополнети само 208, односно околу една третина од потребниот број.

Посебно впечатлива е состојбата со техничкиот персонал. Од вкупно 208 вработени, 18 се судски полицајци, само две лица се технички персонал, а судот располага со седум хигиеничарки.

Недостигот од кадар е толкав што, според дополнителните информации, во одржувањето на хигиената повремено помагаат и жени затворенички. Тие се ангажираат за чистење на просториите на Кривичниот суд, кој функционира во две згради со по седум ката, што дополнително ја покажува тежината на состојбата со недостигот од технички персонал.

Проблемот со кадарот дополнително се продлабочува со пензионирањата. Во периодот од 2020 до 2025 година бројот на вработени во судот се намалил за вкупно 131 службеник. Само во 2026 година, до денот на брифингот, во пензија заминале уште 13 вработени, а до крајот на годината услови за пензионирање ќе исполнат дополнителни осум лица.

Недостиг има и кај судискиот кадар. Во Кривичниот суд се избрани 59 судии, но четворица се делегирани во други судови, една судијка е на породилно отсуство, па по предметите фактички постапуваат 53 судии. Од судиите, 41 се жени, а 14 мажи. Осум судии се постари од 59 години, од кои петмина се над 64-годишна возраст.

И покрај кадровскиот дефицит, податоците на судот покажуваат значително намалување на бројот на стари предмети. Во август 2025 година имало 896 стари предмети, додека во август годинава нивниот број е намален на 368.

Најголем пад има кај старите прекршочни предмети – од 592 во август 2025 година на 113 во август 2026 година. Кај кривичните предмети бројката е намалена од 232 на 227, а кај предметите за организиран криминал од 28 на 23.

Податоците отвораат прашање колку долго судот ќе може да го одржува темпото на работа со само една третина од систематизираните работни места, особено ако продолжи трендот на пензионирање и доколку не се обезбеди нов административен и технички кадар.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни