Во Кочани денеска се одржа педесеттиот „Марш на ангелите“, на кој семејствата на жртвите и граѓаните повторно побараа вистина, одговорност и правда за трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Маршот започна од Паркот на Револуцијата, а организаторите порачаа дека нивната борба нема да запре ниту на улица ниту во судница сè додека не добијат јасни и конечни одговори од институциите.
„Педесет пати на улица и во судница со истата болка, истите прашања и истото барање. Сè уште чекаме во неизвесност, но нашата истрајност е посилна од секое одолговлекување“, порачаа организаторите, додавајќи дека нема да се откажат и нема да дозволат нивниот глас да биде замолчен додека не излезе на виделина целата вистина.
Настанот се одржа во период кога случајот повторно е во фокусот на јавноста поради новата истрага против сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов. Тој доби нов триесетдневен притвор откако Обвинителството отвори постапка поради сомнение дека му дал поткуп на службеник во Министерството за економија за да добие лиценца за угостителска дејност.
Според наводите на Обвинителството, лиценцата била издадена и без поднесено барање, а објектот не ги исполнувал законските услови за нејзино добивање.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Речиси година и пол подоцна, семејствата на настраданите продолжуваат да протестираат и да бараат целосно расчистување на случајот и одговорност од надлежните институции. Пораката од педесеттиот „Марш на ангелите“ е јасна: борбата продолжува и на улица и во судница.