Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија е „енергетски во исклучително добра состојба“ и дека во моментов нема проблеми со снабдувањето со гас и горива. Тој најави дека веќе од следната недела се очекува и поевтинување на нафтените деривати, додека цената на струјата, според Владата, ќе остане иста.
Македонија е енергетски стабилна и нема простор за загриженост, порача премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека земјава во моментов е подготвена да одговори на претстојните предизвици во снабдувањето со енергенси. Според него, се очекува нормализација на состојбите, а дополнителен поттик за стабилноста треба да дадат домашното производство на електрична енергија и модернизацијата на хидроцентралите.
„Ние сме апсолутно, можам да кажам подготвени. Термоблоковите во Битола и во Кичево се завршуваат со ремонти или ќе бидат завршени до крајот на месецов. Се подготвуваат сите ресурси за да може подготвено РЕК Битола и Осломеј да одговорат на предизвиците“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека хидропотенцијалот во моментов е „некаде на четириесет проценти“, што, како што рече, е задоволително ниво за овој период од годината.
Премиерот како еден од клучните предизвици го посочи и загадувањето, нагласувајќи дека на тоа прашање мора сериозно да се работи, особено пред почетокот на новата грејна сезона. Според него, Владата веќе има план за справување со состојбата.
Во однос на горивата, Мицкоски рече дека дел од земјите од Г7 и Европската унија, особено, се соочуваат со предизвици со дизелот, но дека во Македонија засега нема проблеми. „Знаете дека Европа ги отвара резервите и ќе има интервентно снабдување на пазарот. Ние за тоа немаме проблем во моментот. Јас разговарав со снабдувачите кај нас. До Нова година сите договори се почитуваат. Имаме количини дури и за зголемениот конзум и за зголемените количества кои што граѓаните од соседните земји ги користат“, рече премиерот.
Тој посочи и дека нормализацијата на снабдувањето во глобални рамки би можела да се очекува дури напролет. Од Владата велат дека државата не е голем потрошувач на гас и дека постои план за справување со можните предизвици во тој сегмент.
Според премиерот Мицкоски, веќе од следната недела се очекува поевтинување на нафтените деривати. Паралелно со тоа, Владата наведува дека цената на струјата во земјава ќе остане иста, а се разгледуваат и можностите евтината тарифа да продолжи и следната година.