Авион на авиокомпанијата „Флајдубаи“ кој летал од Дубаи кон Тел Авив неочекувано слетал на аеродромот Табук во Саудиска Арабија, откако за време на летот биле активирани два меѓународни сигнали за вонредни ситуации.
Леталото најпрво го испратило кодот 7700, кој се користи за општа вонредна состојба, а потоа и кодот 7500, кој укажува на киднапирање или друг вид незаконско попречување.
Според Times of Israel, авионот потоа слетал во Табук. Израелски безбедносни извори наведуваат дека инцидентот најверојатно бил предизвикан од расправија во авионот, а не од киднапирање.
Случајот предизвикал реакција и во Израел. Израелски борбени авиони биле испратени во насока на леталото, додека, според наводите на хебрејските медиуми, израелскиот премиер и министерот за одбрана одржале итни консултации.
Во меѓувреме, авионот престанал да се прикажува на веб-страниците за следење на летови. Според медиумските информации, во леталото имало околу 180 патници.