Дванаесет илегални мигранти од Египет и Судан биле откриени во еден ден при контроли на стока пријавена за увозно царинење во два одделни царински терминали.
Првиот случај бил откриен во царинскиот терминал во Тетово, каде царинските службеници се посомневале дека во камионот има мигранти уште пред да започне контролата. Поради сомнежот, била побарана асистенција од Министерството за внатрешни работи, по што во товарниот дел на камионот биле пронајдени пет лица.
Само два часа подоцна, при контрола на стока во царинскиот терминал Скопје 3, биле откриени уште седум илегални мигранти.
Вкупно 12-те мигранти, со потекло од Египет и Судан, биле предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошно постапување.
Од Царинската управа посочуваат дека откривањето на двата случаи во ист ден ја покажува потребата од континуирано следење на состојбите поврзани со илегалната миграција.
Според последните податоци на Фронтекс, илегалната миграција долж западнобалканската рута е намалена за 42 проценти. Од Царинската управа велат дека и покрај падот на бројот на случаи, потребно е институциите да останат подготвени за нови предизвици.