Случајот со снимањето на спотот „Секси мама“ во „Македониум“ ќе биде разгледан од Министерството за култура и туризам, најави министерот Седат Сулејмани, кој оцени дека станува збор за чувствително прашање.
Сулејмани посочи дека во моментов нема детални информации за целиот случај, но најави консултации со правните служби за да се утврди како понатаму ќе се постапува.
Тој нагласи дека постои законска можност за изнајмување на објектите, но оти директорите треба да имаат предвид какви содржини ќе се реализираат во објектите со кои раководат.
„Пред себе имаме еден случај кој навистина е чувствителен, но ќе видиме со правните служби како ќе може понатаму или со некоја законска измена да дејствуваме, бидејќи во овој момент има законско право за изнајмување, но директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти, треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина“, рече Сулејмани на првата прес-конференција по преземањето на функцијата министер за култура и туризам.
Тој додаде дека снимањето било реализирано претходно и дека институцијата е во процес на собирање информации за случајот.
Внатрешниот простор на „Македониумот“, кој е заштитено културно наследство, бил отстапен за 500 евра на продукцијата на косовскиот рапер Дон Џони за снимање делови од спотот за песната „Секси мама“.
Снимката предизвика реакции поради локацијата на која е реализирана, имајќи предвид дека „Македониумот“ е меморијален комплекс со значајно место во македонската историја и култура. Во комплексот се наоѓа и саркофагот во кој почива Никола Карев, претседателот на Крушевската Република.