Илјадници граѓани денеска се вклучија во голема акција за чистење на јавните површини во Скопје. Според организаторите, околу 30.000 луѓе, меѓу кои градоначалници, претставници на амбасади, јавни личности, млади и волонтери, учествуваа во активностите на повеќе локации низ градот.
Учесниците чистеа паркови, населби, улици и други јавни површини, со цел да придонесат за почиста и поуредна животна средина.
Акцијата беше насочена и кон подигнување на свеста за одговорноста на граѓаните кон јавниот простор и потребата од негово редовно одржување.
„Околу 30.000 вредни и посветени луѓе денеска покажаа колкава сила има градот кога се обединува околу заедничкото добро“, беше истакнато во рамки на акцијата.
Организаторите посочија дека покрај самото чистење, целта е да се создадат трајни навики за зачувување на јавните простори. Според нив, одржувањето на чистотата придонесува за поквалитетна и побезбедна средина за секојдневниот живот.
До граѓаните беше упатен апел да го почитуваат вложениот труд и да придонесуваат кон одржување на чистотата на површините што ги користат.
Најавено е дека вакви акции ќе продолжат да се организираат двапати месечно, со цел грижата за животната средина и граѓанската одговорност да станат редовна практика.
„Чистиот град започнува од нас – од грижата за сопствената улица, парк и маало. Денешната акција покажа дека кога граѓаните се обединуваат, може да се направи значаен чекор за почисто и поубаво Скопје“, беше порачано.
Организаторите им се заблагодарија на сите граѓани, волонтери, институции, јавни личности и претставници на дипломатскиот кор кои се приклучија на акцијата.