Македонија

Тошковски: Разбиена група која 15 години била недопирлива за органите на прогон

Тошковски: Разбиена група која 15 години била недопирлива за органите на прогон

Повеќе од една година траела истрагата на Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство и странски партнерски служби, која вчера резултираше со голема полициска акција во Прилеп и пошироко. Во рамки на акцијата биле извршени околу 30 претреси, а во првичната кривична пријава се очекува да бидат опфатени околу 21 лице.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски посочи дека станува збор за сериозна организирана криминална група, за која постојат сомненија дека со години била активна не само во Македонија, туку и во повеќе земји од Европската Унија.

„Станува збор за разбивање на една организирана криминална група, многу сериозна криминална група којашто добар дел од таа организирана криминална група повеќе од 15-тина години го правела тоа што го правела и биле недопирливи за органите на прогон“, изјави Тошковски.

Според информациите што ги изнесе министерот, дел од осомничените во изминатиот период дејствувале и во Грција, особено на Халкидики и во Калитеа, каде што се сомничат за кривични дела од областа на имотните деликти, меѓу кои и тешки кражби.

Истрагата упатува и на можни криминални активности на дел од групата во Шпанија. Тошковски информираше дека едно од лицата, кое било во куќен притвор во Шпанија, избегало, по што било обезбедено од македонската полиција и соодветно процесуирано.

„Навистина станува збор за една сериозна организирана криминална група којашто, пак ќе повторам, многу години роварела не само во Македонија туку и во земји членки на Европската Унија и со една опсежна акција под координација на Јавното обвинителство, повеќе од година дена, пак ќе повторам, е работена оваа организирана криминална група“, рече Тошковски.

Во текот на акцијата биле извршени претреси и кај полициски службеници за кои постојат сомненија дека споделувале информации со членови на групата и на тој начин им помагале во криминалните активности. И овие наводи се дел од истрагата што продолжува.

Тошковски откри и дека член на најтесното семејство на еден од осомничените пред неколку месеци бил уапсен во Франција, откако во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин. Според информациите што ги изнесе министерот, дрогата била наменета за внесување во Македонија.

При вчерашните претреси биле пронајдени и повеќе од 120.000 до 130.000 евра во готовина, а биле одземени околу десет возила. Меѓу нив имало две „Масерати“ и две луксузни возила „Ленд Ровер“. За едно од возилата постојат сомненија дека е поврзано со фалсификувана документација.

Истрагата опфаќа и сомневања за перење пари. Според Тошковски, постојат индиции дека приносите стекнати со криминални активности биле внесувани во правниот промет во Македонија и во странство. Истражителите располагаат и со трага поврзана со купопродажба на имот во соседна Србија.

Еден од клучните сегменти на истрагата, според министерот, е утврдувањето на имотот за кој постои сомнение дека е стекнат со криминални активности и негово евентуално одземање.

„Целта на оваа истрага и целта на овој кривичноправен процес којшто го преземаме не е само да го документираме, евидентираме и го процесираме кривичното дело коешто го правеле сторителите, за коешто имаме и те како собрано доказен материјал во изминативе година дена, туку целта е и сето она коешто е настанато како последица на кривичните дела од аспект на зголемување на имотна состојба, биде одземено и биде ставено во функција на државата“, истакна Тошковски.

Истражните дејствија продолжуваат и денеска, а МВР и Јавното обвинителство работат на целосно документирање на случајот, идентификување на сите лица опфатени во истрагата и утврдување на имотот за кој постои сомнение дека потекнува од криминални активности.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни