Македонија

Мицкоски и Сиљановска со пораки до бруцошите: Знаење, критичка мисла и активна улога во општеството

Мицкоски и Сиљановска со пораки до бруцошите: Знаење, критичка мисла и активна улога во општеството

Со пораки до младите за значењето на образованието, критичкото размислување, стекнувањето знаење и активното учество во општеството започна новата академска 2026/2027 година. Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, додека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Мицкоски ги повика бруцошите да ги користат можностите за образование, патување и усовршување во странство, но потоа да се вратат во Македонија и своето знаење и искуство да го искористат за развој на земјата.

Во обраќањето, премиерот рече дека пред студентите сака да зборува како нивен колега и професор, осврнувајќи се на сопствениот академски и животен пат. Тој се потсети на своите студентски почетоци пред три децении и на престојот во Италија, Германија и Австрија, каде што се усовршувал и работел.

„Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека со истата порака ги воспитува и своите два сина – да патуваат, да учат и да ги прифаќаат можностите што им се отвораат, но на крајот да се вратат дома.

Мицкоски се осврна и на влијанието на социјалните мрежи врз перцепцијата на младите за животот во странство, посочувајќи дека содржините што се објавуваат на платформите не ја прикажуваат секогаш целосната реалност.

„Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија“, порача премиерот.

Тој упати порака и до професорите, нагласувајќи дека пренесувањето знаење е чест, но и голема одговорност, бидејќи нивната работа влијае врз иднината на студентите и нивните семејства.

„Бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства“, рече Мицкоски.

На бруцошите им посака успешни студии, нови пријателства и стекнување знаење, со порака да работат за себе, за своите семејства и за Македонија.

На почетокот на академската година, пораки до студентите упати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која на првиот академски час на УКИМ истакна дека младите треба да ја негуваат критичката мисла и да веруваат во нејзината сила.

„Сè уште верувам дека политиката може да се заузда со правото и дека на овој чуден свет му треба идеализам. Право, правда и етика“, истакна Сиљановска-Давкова.

Таа порача дека студентите имаат важна улога во промените и ги повика активно да ги бараат своите права, оценувајќи дека УКИМ треба да биде предводник во промените.

Сиљановска-Давкова се осврна и на брзиот развој на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека таа не треба да го потисне природниот човечки ум.

„Да не дозволиме вештачката интелигенција да го наруши природниот ум, зашто за да користите вештачка интелигенција, мора да имате природна интелигенција“, рече претседателката.

Таа ги потсети студентите и на значењето на делото на светите Кирил и Методиј и обврската на новите генерации да го продолжат нивното наследство преку образованието и знаењето.

Двајцата државни функционери на почетокот на новата академска година им посакаа успех на студентите, стекнување нови знаења и искуства и активно учество во општеството.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни