Случајот на Ива Михајлова, бугарска државјанка која се соочува со судска постапка во Македонија, беше отворен и на пленарната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Прашањето го постави бугарската пратеничка Весела Момчева-Тоун, која се осврна на ограничувањето на Михајлова да патува во Бугарија за медицински третман.
Момчева-Тоун пред генералниот секретар на Советот на Европа посочи дека поради тековните судски постапки на Михајлова не ѝ е дозволено да ја напушти земјата, иако, како што наведе, ограничувањето може да има сериозни последици врз нејзиното здравје.
„Поради тековните судски постапки, на Ива Михајлова не ѝ е дозволено да патува во странство за медицински третман, иако ова ограничување може да има сериозни последици по нејзиното здравје. Моето прашање до вас е: како може Советот на Европа да ги принуди земјите-членки да обезбедат дека законските ограничувања непропорционално го попречуваат пристапот до итна и неопходна здравствена заштита во странство?“, праша бугарската пратеничка.
Генералниот секретар на Советот на Европа во одговорот посочи дека случајот веќе бил покренат и во разговор со бугарската претседателка Илијана Јотова.
„Можам да потврдам дека претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, исто така го покрена ова прашање за време на нашиот состанок претходно овој месец“, рече тој.
Сепак, генералниот секретар нагласи дека не може да интервенира во конкретен случај кој е во тек пред националните власти или судови, вклучително и во одлуките поврзани со ограничувањата за патување.
„Не можам и не сакам да интервенирам или да се обидам да влијаам на поединечен случај што моментално се води пред националните власти или судови. Ова ги вклучува и одлуките во врска со ограничувањата за патување“, порача тој.
Во исто време, тој нагласи дека државите-членки мора да ги почитуваат стандардите на Советот на Европа, вклучително и оние што произлегуваат од Европската социјална повелба.
„Сепак, би сакал да повторам дека стандардите на Советот на Европа, вклучително и оние утврдени во Европската социјална повелба, секако мора да се почитуваат, бидејќи нивната важност е очигледна. Секое наводно кршење на овие стандарди мора да се реши“, наведе генералниот секретар.
Тој додаде дека за заштита на овие стандарди постојат соодветни национални механизми, но и механизми во рамки на Советот на Европа.
Случајот на Михајлова така беше отворен пред европската институција во контекст на прашањето за односот меѓу судските ограничувања за патување и пристапот до неопходен медицински третман во странство.