Македонија

Ветер над 80 километри на час и локален дожд: УХМР најавува променливо време

Ветер над 80 километри на час и локален дожд: УХМР најавува променливо време

Јужно воздушно струење ќе донесе релативно топло време во Македонија до крајот на работната недела, но ќе продолжат и температурните осцилации. За утре метеоролозите најавуваат променлива облачност, повремени локални врнежи од дожд и засилен ветер, кој во западните делови на места ќе достигнува брзина над 80 километри на час.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, ветерот ќе дува од југозападен правец, а во одредени западни подрачја повремено ќе биде и силен.

Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, кој во делови од котлината повремено ќе се засилува.

Од УХМР информираат дека и во наредните денови ќе се задржи променливото време, со локални врнежи од дожд со различен интензитет. Под влијание на јужното воздушно струење, до петок температурите ќе бидат релативно високи и над просекот за овој период од годината. Од сабота, пак, се очекува повторно заладување.

Метеоролошките промени може да влијаат и врз здравјето на почувствителните лица. Според доктор Митов, наглите температурни осцилации бараат побрзо приспособување на организмот, што кај некои луѓе може да предизвика слабост, вртоглавица, поспаност и општа непријатност.

Поголема претпазливост се препорачува кај повозрасните лица, луѓето со висок крвен притисок и срцеви заболувања, оние кои страдаат од мигрена, како и кај лицата кои користат терапија што влијае врз течностите и крвниот притисок.

Ова не значи дека треба да се избегнуваат секојдневните активности, туку дека е важно навремено да се препознаат симптомите како жед, слабост и вртоглавица, како и невообичаените промени во вредностите на крвниот притисок.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни