Со спој на винска традиција, музика и дружење, Кавадарци уште еднаш беше домаќин на љубителите на виното од земјата и странство. Во текот на три дена, 17. издание на Фестивалот на младо вино на винарницата „Тиквеш“ собра бројни гости, деловни партнери, претставници на институциите и дипломатскиот кор, а годинашната програма беше посветена на луѓето и нивниот придонес во создавањето на вината.
Под мотото „Со свои раце, создадено со љубов“ (Handcrafted with Love), фестивалот им оддаде признание на знаењето, искуството и посветеноста на сите што учествуваат во процесот на производство. Посетителите имаа можност да ги дегустираат младите вина од најновата берба, како и вината и жестоките пијалаци од портфолиото на „Тиквеш“.
Посебна содржина донесе петочната програма „Младо младо вино“, која годинава за првпат беше организирана од платформата „Под Плута“. Со современ пристап кон винската традиција и настапи на диџеи од Европа, програмата понуди ново фестивалско искуство и можност за поврзување на помладите генерации со винската култура.
Музичката програма продолжи и во следните два дена со настапи на домашни и странски изведувачи, а еден од главните моменти беше концертот на светски познатата музичка ѕвезда Робин С.
За значењето на човечкиот труд во производството на вино и пораката на годинашното издание говореше претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Тој посочи дека во време на неизвесност и поделби е особено важно да се зачуваат човечноста, вербата и љубовта, но и желбата да се создава и да се гради подобра иднина.
„Продолжуваме да создаваме, затоа што веруваме дека токму кога сè станува потешко, не смееме да престанеме да создаваме. Нашето грозје, нашето вино не може да чека. Нашата порака е едноставна: со свои раце создаваме со љубов. Тоа е нашиот начин на живот. И веруваме дека ова може да биде добра берба – не само добра берба на грозјето, туку и добра берба на надежта“, порача Јаневски.
Тој ги претстави и плановите на компанијата за понатамошно унапредување на одржливото работење. Меѓу најавените активности се преминот во следната фаза на ESG-иницијативите, со амбиција „Тиквеш“ да стане зелена винарија, како и започнувањето на иницијативата Circular Agrar во соработка со локалната самоуправа.
Јаневски нагласи дека развојот на компанијата треба да биде поврзан и со напредокот на заедницата во која таа работи.
„Компанијата не постои сама за себе. Компанијата е дел од општеството. И ако растеме ние, треба да расте и заедницата околу нас“, истакна тој.
Осврнувајќи се на улогата на виното во поврзувањето на луѓето, Јаневски порача дека тоа ги надминува разликите во потеклото, јазикот и културата.
„Виното не прашува кој си или од каде си, ниту на кој јазик зборуваш. Виното ги собира сите луѓе на една маса. И можеби токму затоа виното е толку важно денес, затоа што ни покажува дека можеме да бидеме различни, а сепак да бидеме заедно“, рече Јаневски, упатувајќи порака до младите да веруваат во себе и во можноста за создавање подобра иднина.
Од компанијата посочуваат дека препознавањето на различните тероари и нивните специфични карактеристики е основа на нивната винска филозофија. Секое вино, според овој пристап, треба да го одразува автентичниот карактер на местото од кое потекнува. Како потврда за квалитетот ги наведуваат и меѓународните признанија, со просечно околу 100 награди годишно на светски вински натпревари.
Поддршка за реализацијата на фестивалот дале и партнерите и спонзорите, чие учество придонело за организацијата на програмата и за поврзување на винската, угостителската, деловната и креативната заедница.
Со 17. издание, Фестивалот на младо вино повторно ја истакна својата улога во промоцијата на винската култура и традиција, но и во создавањето простор за средби, нови соработки и дружење. Годинашното мото ја стави во преден план посветеноста на луѓето зад секоја берба и секоја произведена капка вино.